Шатр со убедлива победа над Струга ја почна одбраната на титулата

Попладнево со церемонијалот на свечено отворање официјално започна 45. издание на ракометниот турнир во Струга на игралиштето на „Женска плажа“. Бранителот на титулата од минатата сезона, францускиот Шатр забележа лесна победа против домаќинот и организатор Струга со 34-16 (16-9).

Српскиот чувар на мрежата Небојша Граховац беше најдобар поединец на натпреварот. Томе Нацев со 7 гола беше најдобар во Струга, а Футрие со 7, Чам со 5 и Детре со 3 гола се истакнаа кај Шатр.

Овој натпревар беше дел од групата Б, во која денес слободен беше минатогодишниот финалист Металург. Бешикташ и шведскиот Алингсас од 21.15 часот го играат првиот натпревар од групата А. Утре на турнирот се среќаваат Бешикташ - Охрид и Металург - Шатр.