Сарачевиќ: Играме против Металург кој нема императив во СЕХА, нашата цел е само победа

Утре, екипата на ППД Загреб ќе го одигра првиот официјален меч пред својата публика во 2018 година. На гости кај хрватскиот прволигаш доаѓа Металург, кој загуби во Скопје во првиот меѓусебен меч во регионалната лига.

Предводникот на хрватската екипа, Златко Сарачевиќ на денешната прес-конференција изјави дека само победа е императив за него и неговите избраници.

„Денес имавме тренинг на кој што ја подготвивме утрешната средба против Металург. Ќе мора да го компензираме недостатокот на играчи од надворешната линија. Нашиот противник нема никаков императив во СЕХА и игра опуштен ракомет од стартот на сезоната. Тоа се момци кои напорно работат и ја бараат својата иднина во ракометот. Од Јагањац и Кузмановски, па се до нивниот кружен напаѓач, тоа се ракометари кои можат да одиграат добар натпревар. Нашата цел се знае, играме дома, па сакаме да победиме, а потоа ќе размислуваме за дуелот со Нант“ , изјави Хрватот.

Натпреварот се игра во салата „Сутинска врела“ и започнува во 19.00 часот.