Раул: Суперкуп-трофејот е добра мотивација пред стартот на ЛШ

Македонскиот првак Вардар успеа да го освои трофејот во Суперкупот, кој е прв за Македонија. Во финалето „црвено-црните“ го совладаа Еурофарм Работник (30-25), а Раул Гонзалез, стратегот на вардарци е задоволен од прикажаното.

Шпанецот истакна дека стартот бил доста тежок за Вардар, но потоа екипата влегла во ритам и успеала да дојде до посакуваната победа и петтиот трофеј во 2017 година.

„Беше тешко, Еурофарм играше доста добро, посебно во првите 15 минути во кои имавме проблеми затоа што противникот играше интензивно, но јас сум задоволен затоа што за нас беше тешко да го играме мечот, затоа што в понеделик играме ЛШ, Сите беа коректни од ракометарите и задоволен сум од она што го видов“, вели Гонзалез.

Шпанецот пред стартот на ЛШ вели дека Вардар полека напредува и е далеку од мечот со Барселона на Супер глоуб, кој европскиот првак го загуби поради катастофалниот старт.

„Супер Глоуб не одигравме добро, свесен сум за тоа. Бевме катастрофални во првиот дел, но во вториот дел имавме шанса да победиме. Арно ама, кога Барселона има 7-8 гола разлика е тешко да победиш. Но, сега сите сакаат да се покажат, играме ЛШ, мотивирани сме, сакам во целост да бидеме фокусирани. За нас ќе биде супер, но двојно потешко затоа што Вардар ја брани титулата. Никој не бил првак двапати во низа“, заврши Раул.

Првиот меч во Лигата на шампионите Вардар го игра на 17 септември на гости во Полска кај Висла. Најтрофејниот македонски ракометен клуб ја завршува годината со трофејна „петка“ - во Лигата на шампионите, СЕХА-лигата, македонското првенство, Купот на Македонија и Суперкупот.