Раул: Да не играме против Барса како на Супер глоуб!

Македонскиот првак Вардар во Лигата на шампионите во наредното коло го чека дерби-дуел, со екипата на Барселона, главен ривал за врвот во групата „А“ и местото кое води директно во четвртфиналето на елитата. 

Раул Гонзалез, стратегот на клубот, вели дека неговите ракометари се подготвени за надигрување, но потенцира дека дуелот во Скопје воопшто нема да биде лесен, затоа што Барса има квалитетен колектив.

„Барселона е наш најсериозен противник од стартот на сезоната. Имаат искусни играчи, знаат како да играат вакви мечеви. Може да ги победиме само со добра одбрана. Исто така, тука е и голманот Де Варгас кој брани одлично. Ние сме слична екипа со Барса, очекувам тежок меч. Се знаеме добро, не треба да играме како на Суперглоуб против нив, односно да бидеме катастрофални 50 минути, а потоа да играме како што знаеме“, изјави Раул.

За Вардар и Барселона ова ќе биде прво соочување сезонава во ЛШ. Мечот се игра в сабота од 17.30 часот.