Ракометниот Моцарт го фали Лино: Тој е селектор-победник!

Хрватска на клупата со Лино Червар на домашно тло ќе го напаѓа првото ракометно европско злато, а во успех верува и ракометниот Моцарт, еден од најдобрите во историјата на овој спорт, Ивано Балиќ.

Хрватот кој е пензиониран и води свој клуб во интервју за тамошните медиуми како најава за ЕП вели дека Лино Червар е одличен тренер, но потенцира дека патот до посакуваниот успех ќе биде доста тежок затоа што конкуренцијата е голема.

„Червар е селектор-победник. Има широк фонд на играчи, ги врати искусните. Тоа е добар потег, затоа што најискусните може да поднесат притисок и психолошки може да им помогнат на младите. Имаме изедначена селекција со двајца извонредни играчи - Циндриќ и Дувњак. Червар знае да ги ротира. Нема да има лесни натпревари, посебно во нашата група. Шест, па и осум репрезентации може да се сметаат како фаворити за трофеј на ЕП, меѓу нив е и нашата“, изјави Балиќ.

Хрватска го отвора Европското првенство (ЕП) со балкански дуел против Србија кој ќе се игра во Сплит. Покрај Србите, ривали на „каубоите“ во првата фаза се уште Шведска и Исланд.