Ракометарите на Металург ги „запалија моторите“ за стартот на вториот дел од сезоната

Ракометарите на Металург денес под палката на Александар Јовиќ ги започнаа подготовките за вториот дел од сезоната, а на првата прозивка недостигаа голем број на ракометари, како и првиот тренер Лино Червар, кој ја води нашата рерпезентација на СП во Франција.

Во отсуство на репрезентативците Талески, Пешевски, Нелоски и Дрогришки, кои се дел од македонската експедиција на Светското првенство во Франција, на заминатите Даниел Дупјачанец (Кадетен Шафхаузен) и Милош Драгаш (Хапоел Ришон), како и на повредените Филип Кузмановски и Мартин Марчец, нашите ракометари, засилени со поединци од Металург 2 од денес се во тренажен процес.

Добра вест е враќањето во тимот на Немања Младеновиќ, кој ја надмина повредата на рамото, а од утре со тренинзи ќе почне и најново засилување, Иранецот Амин Јусефинеџад.

Металург првиот дел од подготовките ќе го одработи во салата во Автокоманда, а дневно ќе има по два тренинзи.