Ракометарите ќе се борат за СП во Келн, Минхен, Хамбург, Берлин, Хернинг или Копенхаген!

Ракометната репрезентација на Македонија обезбеди пласман на ЕП 2017 во Хрватска, а наредниот голем ракометен настан е Светското првенство (СП) кое во 2019 година ќе се одржи во Германија и Данска.

Организаторите веќе ги одбраа градовите во кои ќе се игра ракометниот Мундијал, а Македонија ќе се бори за место на него. Во Германија, градови-организатори ќе бидат Келн, Минхен, Хамбург и Берлин, додека во Данска, градови-домаќини се Хернинг и Копенхаген,.

Во Келн натпреварите ќе се играат во „Ланксес арена“, во Минхен домаќин е „Олимписката арена“, во Хамбург е „Барклејкард Арена“, додека во Берлин мечевите ќе се играат во „Мерцедес Бенз арената“.

Во Данска, пак, мечевите ќе се играат во „Јиске банк боксен“ во Хернинг и „Ројал арена“ во Копенхаген.

Светското првенство во Германија и Данска ќе се игра во јануари, 2019 година. Финалето ќе се игра во „Јиске банк боксен“, салата во Хернинг која собира 12.500 гледачи. Досега, учество имаат добиено само двата домаќини Данска и Германија, како и Франција како актуелен светски првак.