Прзибецки: Не треба да се плашиме од гостувањето на европскиот првак Вардар

Висла Плок

Тренерот на Висла Плок, Пјотр Прзибецки пред себе ќе има тешка задача, а тоа е да ги подготви своите ракометари да се соочат со европскиот шампион, Вардар.

Македонскиот првак ќе биде гостин во Полска во првото коло од новата сезона во Лигата на шампионите во која ќе ја брани титулата освоена минатата година на завршниот турнир во Келн. Полската екипа најавува дека е подготвена за предизвикот наречен Вардар.

„Нашиот прв противник во Лигата на шампионите има голем број на квалитетни играчи и заслужено се радуваше на завршниот турнир минатата година. Тоа ќе биде одличен меч, а ние не треба да се плашиме и треба да бидеме благодарни што европскиот првак ни гостува. Играме пред нашата публика и ќе се обидеме да ги искористиме сите наши силни страни“ , вели тренерот на Висла.

Од пред неколку дена, ЕХФ потврди дека сега екс играчот на Металург, Немања Обрадовиќ е нов член на полската екипа, кој сепак не сака да ризикува со него, поради повредата на левата нога.

„Под знак прашалник е настапот на Немања, бидејќи на секој тренинг или пак, доскок, тој чувствува болка. Не играше оваа среда и посакува да игра в недела, но мислам дека ќе го поштедиме и нема да ризикуваме“ , рече Прзибецки. 

Во претходните неколку сезони, Вардар и Висла одиграа неколку натпревари, а најчесто истите завршуваа во корист на нашиот претставник.

Мечот од првото коло за Вардар во Лигата на шампионите се игра в недела со почеток од 19.00 часот.