Прилеп „скршен“ во вториот дел, подмладениот Пелистер со нова суперлигашка победа

Ракометарите на Пелистер забележаа нова победа во домашната Суперлигата, откако во првиот натпревар од 14. коло го совладаа Прилеп во спортската сала „Младост“ во Битола со 35-28 (16-17). Ова е 11-та победа по ред за екипата на Стевче Алушовски, со што уште повеќе ја зголеми предноста пред останатите конкуренти воочи мечевите на Еурофарм Работник, Охрид и Пролет. Прилепчани го претрпеа седмиот пораз, откако вчера го запишаа четвртиот триумф со подобрата игра против Борец. 

Прилепчани подобро го отворија натпреварот и преку Јанески и Бозароски поведоа со 4-6. Алушовски брзо повика минута одмор, екипата на Пелистер се стабилизира и поведе со 10-9 во 16. минута. Но, мотивираниот млад тим на Ице Соколески со одличните одбрани на Мартин Јовановски и головите на Јанчев и Јанески на одмор замина со минимално водство од 16-17. 

Изедначено се играше и во првите десетина минути од вториот дел, а дури во 45. минута со головите на Везенковски и Јагуриновски, пелистерци израмнија (23-23). Тогаш со цврста одбрана и серија 7-2, битолчани се одлепија на 30-25. Крилата Ивановски и Јагуриновски (седум последователни гола) беа најчестите стрелци во оваа фаза од натпреварот. До крајот без драма, Пелистер стигна до победа од 35-28.

Најефикасни поединци во таборот на Пелистер беа Јагуриновски со 13 и Митиќ со 5 гола, а кај Прилеп се истакнаа Јанчев со 7, Бозароски со 6 и Тренчески со 5 гола. Алушовски не им даде шанса на Грузијците Орјоканидзе и Чантурија, кои веројатно ќе се вратат во тимот в сабота во Велес. Утре 13. коло почнува со натпреварот меѓу Металург 2 и Еурофарм Работник, а в сабота се среќаваат Пролет – Вардар Јуниор, Борец - Пелистер и Радовиш – Охрид.