Поповски: Подготвен сум и мислам дека можам да ги исполнам задачите на Червар

Нашта најдобра ракометна селекција по петти пат обезбеди настап на едно Светско првенство, а избраниците на Лино Червар ќе се натпреваруваат во групата Б заедно со Тунис, Ангола, Шпанија, Словенија и Исланд. 

На овој голем собир Македонија отпатува како никогаш досега помлада, а свој прв голем турнир ќе има и десното крило на Вардар, младиот Мартин Поповски, кој се најде во 19-те патници за Франција. 

„Сите 19 ракометари што патуваат се квалитетни и можат да ги исполнат задачите на селекторот. Затоа и патуваат. Сега останува во кој момент селекторот која тактика ќе ја применува, веројатно и тој тип на играчи ќе бидат. Но, верувам дека можам да бидам и меѓу тие 16 што ќе играат на некој натпревар на СП во Франција“, вели Поповски. 

Мартин настапува за екипата на Вардар јуниор, но истовремено е пријавен и за настапи во СЕХА лигата. Одигра неколку натпревари за првиот тим на Вардар, прикажа одлични игри, по што стигна и поканата за неколкуте репрезентативни акции. Македонија првиот натпревар од ова СП ќе го одигра в четврток со почеток од 17.45 против стариот познаник, Тунис.