Петрески: Врската Анти - Лазаров е добитната комбинација на Нант!

Нант е новата реалност за најдобриот македонски ракометар Кире Лазаров и од следната сезона дресот на Каталонците ќе го замени со оној на клубот од северна Франција. За квалитетите на екипата и проектот воден од тренерот Тјери Анти, разговаравме со Македонецот, кој најдолго професионално играше во Франција, Томче Петрески. 

„Мислам дека клучниот човек околу прогресот на Нант е тренерот Тјери Анти. Тој ми е добар пријател, често се слушаме, во минатото и многу соработувавме и го знам неговиот метод на работа и неговите тренинзи. Тој е човекот кој го доведе Нант до овие височини и верувам дека клубот и во иднина ќе расте. Кога јас бев во Франција, Нант бепе третолигаш, а сега е еден од најдобрите клубови во француската елита. Секој потег на Анти му е однапред смислен, тактички е беспрекорен, посебно добро играат неговите екипи против големите тимови, против најдобрите. Верувам дека соработката на Анти со нашиот Лазаров ќе го издигне клубот на уште поголемо ниво. Лазаров ќе биде од голема помош на клуб како Нант, ќе му даде уште поголема вредност, можност да се нападне самиот врв во Франција и да се игра значајна улога во Европа“, изјави за Gol, Томче Петрески.

Кире Лазаров ќе биде прв Македонец кој ќе го облече дресот на Нант и со растот на француската лига, веројатно и една од најголемите ѕвезди во шампионатот.