ОФИЦИЈАЛНО: Кире Лазаров потпиша двегодишен договор со француски Нант

Капитенот на македонската ракометна репрезентација Кире Лазаров во следните две сезони ќе го носи дресот на францускиот Нант. Десниот бек, кој беше најдобар стрелец на Светското првенство во Франција потпиша двегодишен договор со учесникот во Лигата на шампионите и на истек од договорот со Барселона се реши за нов предизвик.

Лазаров имаше понуда за едногодишен договор со Барселона, но условите кои ги понуди Нант беа подобри и затоа Лазаров се одлучи за нов предизвик. Тој заминува од Каталонија по четири сезони преполни со успеси, а и до крајот на оваа сезона се бори за сите трофеи со славниот каталонски клуб.

Нант со Лазаров го започнува проектот во кој ќе се обиде да им се доближи на ПСЖ и Монпелје и да биде секоја година дел од Лигата на шампионите. Нашиот ракометар официјално ќе биде претставен по завршувањето на сезоната.

Во својата кариера Лазаров го носеше дресот на: Овче Поле, Борец, Пелистер, Бадел 1862 Загреб, Фотекс Веспрем, Кроација осигурање Загреб, Атлетико Мадрид (Сиудад Реал) и Барселона. Во клупскиот ракомет капитенот на македонската ракометна репрезентација освои 52 трофеи.

Претходно во Франција од нашите ракометари настапувале Манасков, Петрески, Брестовац, Ангелов, Георгиевски, Ристовски.