ОФИЦИЈАЛНО: Андреа Лекиќ го продолжи договорот за нови две години

ЖРК Вардар успешно заврши преговорите со Андреа Лекиќ, па српската ракометарка денес и официјално потпиша нов двегодишен договор со нашиот шампион. Андреа Лекиќ во тимот на Вардар е од 2013 година, а нејзиното останување го оправдува со високите амбиции на „црвено-црното“ семејство.

„Не би останувала доколку не сум задоволна. Не постои ништо што не ми одговара во клубот. Играме добро, имаме високи цели, а тоа е она што мене ме влечи напред. Сакам да го напаѓам врвот, а Вардар тоа ми го овозможува константно“, изјави Лекиќ за официјалната страница на ЖРК Вардар.

Лекиќ е една од најважните ракометарки на Вардар, а во тековната сезона на шест настапи во Лигата на шампионите има постигнато 32 гола. Во 2013 година беше прогласена за најдобра ракометарка на светот, а една година пред тоа беше избрана и за МВП на Европското првенство.