Ново признание од ЕХФ: Лазаров најдобар играч за месец декември!

Македонскиот „бомбардер“ Кире Лазаров доби ново признание од европската куќа на ракометот (ЕХФ). Капитенот е прогласен за најдобар играч за месец декември, награда за која вели дека му е посебно драга.

„Огромна чест ми е да бидам најдобар ракометар за месец декември, првпат во мојата кариера. Ако земеме предвид колку ѕвезди се дел од европскиот ракомет, тогаш ова добива дополнително на тежина. Не е лесно, одушевен сум. Им благодарам на сите кои гласаа за мене. Декември беше специјален месец, го победивме ПСЖ во „Палау Блауграна“ и останаме екипи од врвот на листата на европскиот ракомет“, изјави Лазаров.

Македонецот успеа да заврши пред Филип Ивиќ (Киелце), Јонас Калман (ПИК Сегед), Хулен Агинагалде (Киелце) и Алекс Душебаев (Вардар). Во женска конкуренција за најдобра е прогласена Ники Грот од Ѓер.