Нов малер за Словенија и Вујо пред ЕП, по Доленец и Хенигман се повреди и Габер

Првиот противник на Македонија на претстојното Европско ракометно првенство, селекцијата на Словенија доживеа уште еден тежок удар, откако остана и без услугите на Матеј Габер. 

Ракометарот на ПИК Сегед важи за еден од најголемите борци на Веселин Вујовиќ, својата главна улога ја има во одбраната, но како кружен напаѓаќ често знае да изненади и во нападот. Габер поради повреда не го заврши вчерашниот тренинг на репрезентацијата, а првичните лекарски прегледи покажале незгодна скршеница на коска во стапалото, што значи отсуство од ракометните терени подолг период. 

За Вујо и Словенија ова е нов неочекуван удар, откако претходно незгодни повреди заработија Доленец и Хенигман. Сепак, двајцата најдобри бекови работат под посебни услови со надеж дека навремено ќе заздрават за собирот во Хрватска. Мечот против Македонија, словенечките ракометари го играат на 13 јануари со почеток од 19.30 часот.