Нацева: Нашиот Кометал успеа да ја обедини целата Македонија!

Гордана Нацева, македонската ракометна легенда, а сегашен директор во Вардар, беше дел од шампионската генерација на Кометал која во 2002 година ја освои Европа. Кај неа, сеќавањата уште се свежи, а за нив зборува со големи емоции.

„Се сеќавам на секој момент во тој ден. Деветнаесетти мај е еден од најважните три датуми во мојот живот, затоа што го реализирав мојот спортски сон. Сега од оваа дистанца сметам дека сме биле одбрани да го направиме тоа. И ние како играчи, и клубот, и моментот, и семејството Костовски. Многу тешко се повторува тоа, сведоци сме пред една недела колку е тешко да се направи тоа. Голема чест ми е што бев дел од овој спортски успех што ќе остане запеметен во цела Македонија. Го паметам денот од појадокот на Средно Водно на карантин, па се до славјето на плоштадот“, вели Нацева.

Голманката вели дека пред 15 години атмосферата во „Кале“ била пеколна, а се останато е историја. Успехот на Кометал ја обедини целата Македонија и направи повеќе од 30.000 луѓе да се соберат на плоштадот и заедно да слават.

„Беше пеколно во салата, знам дека луѓето уште пред три часа ја наполниле. А се останато е историја. По натпреварот врнеше, не чекаа два часа. Го прославивме тоа со публиката. Имавме сите можност да се обратиме и да кажеме нешто пред 30.000 луѓе. Тоа беше едно чувство каде што Македонија живееше заедно, обединета. Треба да го цениме тоа што го имаме. Секој во својот дел да ја даде поддршката на секој што се приближува кон некаков успех затоа што сме мала држава. Благодарност до Костовски за поддршката, до соиграчите, новинарите и сите заеднички успеавме да го направиме тоа. Фактот дека 15 години никој не го повторил тоа покажува колку всушност вреди овој успех“, додава македонската ракометна легенда.

Шанса да дојде до трофеј во ЛШ имаше Вардар, но во финалето беше запрен од Ѓер. Нацева вели дека работите сега се сменети затоа што еден викенд те носи или на врвот, или на дното, за разлика од претходно кога се играа два финални меча, дома-гости.

„Еден викенд е до европската титула. Но, за нас посебно е успехот важен затоа што станавме европски шампионки на наш терен, во нашето „Кале“ и славевме пред наша публика“, заклучи Нацева.