Мојсоски: Еурофарм сега е на повисоко ниво, фокусот е вперен кон Челинџ купот

Екипата на Еурофарм Работник беше противник на Вардар во првиот Суперкуп во мак-ракометот, но не успеа да го изненади фаворитот, во СЦ „Јане Сандански“ (25-30).

Еден од првотимците на битолчани, Златко Мојсоски, е задоволен од прикажаната игра на неговиот тим и вели дека силниот дуел со „црвено-црните“ бил добра подготовка за тимот пред стартот на Првата лига.

„Вардар беше апсолутен фаворит, честитки за освоениот пехар во Суперкупот. Ние пробувавме да се спротиставиме колку што можеме, исто така пробуавме некои акции и воигрувања, затоа што ова за нас беше последен меч за брусење на формата. Сепак, Вардар е Вардар, но се боревме машки и мислам дека се прикажавме во добро светло. Овој дуел и останатите пријателски средби го кренаа тимот на задоволително ниво пред настапите во Првата лига и Челинџ купот. Ние ќе продолжиме со работа и се надевам дека ќе влеземе подготвени во двомечот со Каунас“, изјави Мојсоски.

Еурофарм Работник во својата најдобра сезона се избори за пласман во Европа и ќе ја претставува Македонија во Челинџ купот., Противник е литвански Каунас, а двомечот се игра во ноември.