Младиот Металург се бореше машки, но загуби во Загреб

Ракометарите на Металург го запишаа осмиот пораз во СЕХА лигата, откако во рамките на 14. коло подобар од нашиот претставник беше ППД Загреб со резултат 30-28 (15-13). За тимот од Автокоманда на денешниот натпревар поради повреда дел од тимот не беше македонскиот репрезентативец, Мартин Велковски.

Почетокот на натпреварот го одбележа израмнета игра, во која двете екипи играа гол за гол и се менуваа во водство. Во 18. минута по голот на Кузмановски, Металург поведе со 9-10, на што домаќините возвратија со серија од 3-0 и се одлепија на највисоки +2 (12-10). До крајот на првиот дел загрепчани по голот на Контрец поведоа и со 15-12, а во самиот финиш погоди Серафимов за 15-13 на полувремето.

Во продолжение ракометарите на ППД Загреб се одлепија на највисоки +4 (22-18), на што Металург возврати преку расположениот Јагањац и на 15 минути до крајот намали на само -1 (22-21). Серијата на металурзите со својот осми гол ја прекина Хорват, што беше и знак за тајм-аут за Александар Јовиќ.

Во финишот домаќините по голот на Павлетиќ повторно се одлепија на чувствителни +3 (26-23), што на крајот беше доволно за конечна победа од 30-28, иако во последната минута по голот на Серафимов, ППД Загреб влезе со предност од само еден гол. Најефикасен во победничкиот тим беше Хорват со осум гола. Кај Металург, Халил Јагањац постигна девет гола, а македонскиот репрезентативец, Филип Кузмановски запиша осум погодоци.

Следен предизвик за нашиот Металург е гостувањето во Словенија, каде на 27 февруари ќе ги одмери силите против Горење Велење.