Миркуловски: Хрватска буди убави спомени, Словенија ќе биде наш патоказ на ЕП

Gol.mk на СП ракомет 2018 во Хрватска

Репрезентацијата на Македонија веќе е во Загреб и ги чека настапите на Европското пренство (ЕП), а прв предизвик ќе биде селекцијата на Словенија, за која големиот борец во „црвено-жолтиот“ дрес, Филип Миркуловски, смета дека ќе биде патоказ за оваа селекција на овој собир.

„Сите го чекавме овој месец и првенството. Првиот меч ни е со Словенија, засега најважен дуел за нас. На истиот ќе видиме какви сме, колку сме подготвени за ова Европско првенство и дуелот ќе ни биде патоказ за понатаму. Можеби тие се поквалитетна репрезентација на хартија, но ние со добра игра може да го добиеме натпреварот“, вели Миркуловски.

Македонија ќе има голема поддршка на ова Европско првенство, ако се земе предвид дека Загреб е близу до Скопје.

„Се чувствува таа позитивна енергија и атмосфера кај јавноста, ја имаме поддршката од нашата нација како и секогаш. Мислам дека нема да ја разочараме. На ова Европсо првенство се е можно, сите се квалитетни репрезентации, се е отворено, можеби со нивна помош ќе успееме да направиме чекор понатаму. Загреб не е далеку од Скопје“, додава средниот бек.

Хрватска буди убави спомени за Македонија, затоа што оваа генерација во 2009 година зема токму залет од оваа земја, со настап на Светското првенство.

„2009 година имаше прекрасна атмосфера, првпат игравме на големо натпреварување. Сега сме девет години поискусни, мислам дека треба да одиме чекор понатаму. Имаме и млади играчи, тие веќе стасуваат и се веќе максимално подготвени. Имаат искуство, играле Лига на шампионите, СЕХА, во младинските генерации. Со нивен максимум, мислам дека може да дојдеме до посакуван резултат“, заврши Миркуловски.

Првиот натпревар на Европското првенство против Словенија, Македонија ќе го игра на 13 јануари со почеток од 19.30 часот.