Марсениќ: Во Унгарија нè чека најтешкиот меч сезонава!

Екипата на Вардар во наредното коло од Лигата на шампионите се соочува со најтешкиот предизвик во последните кола. Тоа е гостување кај ПИК Сегед, меч за кој и големиот борец, кружниот напаѓач Мијајло Марсениќ предупредува дека ќе биде најтежок сезонава.

Македонскиот првак е лидер во групата, но за да го задржи победничкиот од, ќе мора да победи и во Унгарија. Марсениќ предупредува за квалитетот на противникот, но истовремено потенцира дека вардарци ќе влезат во дуелот мотивирано затоа што посакуваат да останат во игра за директно четвртфинале во Лигата на шампионите. 

„Ова сигурно ќе биде најтежок меч сезонава. Знам против кого играме, против екипа со врвен тренер. Тој знае сѐ за нас, но и ние за нив. Не очекува силен меч, мораме да играме агресивно и умно, во напад да не грешиме, да ја користиме секоја шанса што ќе ја добиеме. Може да се победи таму. Лани можеби победивме и полесно од очекувањата, сега сигурно ќе биде потешко. Но ако одиграме онака како што од нас се очекува тогаш можеме повторно да победиме“, вели Марсениќ.

Вардар и ПИК Сегед досега имаат пет меча во Лигата на шампионите. Зад „црвено-црните“ се три победи, едно реми и еден пораз, а во ланските средби, Вардар победи двапати. Мечот меѓу ПИК Сегед и Вардар се игра утревечер (сабота) од 17.30 часот.