Манасков: Ќе „гориме“ од желба против Тунис, но да внимаваме да не „изгориме“!

Gol.mk на светско првенство во ракомет

По едночасовната тренинг сесија, македонските ракометари говореа пред новинарите воочи утрешниот меч против Тунис од 17.45 часот. Дејан Манасков многу искусно го кажа рецептот за победа и смета дека улогата на аутсајдери во групата можеби ни одговара. 

„Цврста одбрана, добар голман и максимална концентрација е клучот на успехот за мечот со Тунис. Многу сме мотивирани по поразот во Полска. Утре секој од нас ќе гори од желба, но не треба да „изгориме“ и да ги искористиме шансите кои ќе ни се укажат. Можеби првпат сме во ситуација на аутсајдери и верувам дека тоа може да ни биде од корист. Треба недостатоците на физички јаките и брзи Тунижани да ги искористиме. Нивната одбрана не е така силна и тука можеби имаме шанса“, смета крилото на Рајн Некар Левен.

Македонија пред две години во Доха ја победи туниската селекција, но во мечот кој беше шанса на генерацијата во април во Гдањск загуби и не обезбеди место на Олимписките игри во Рио Де Жанеиро.