Костовски: Кометал го крена секој Македонец на врвот - како да е на Олимп!

Кометал Ѓорче Петров, најтрофејниот македонски ракометен клуб во историјата, одбележа 15 години од титулата во ракометната Лига на шампиони. Свое обраќање на свеченоста имаше Трифун Костовски, некогашниот прв човек на клубот кој вели дека 19 мај по 2002 година за него е свет ден.

„Успехот кој овие девојки го донесоа во Скопје е огромен. Тие го дадоа својот максимум да остане трофејот во Скопје. Тоа е убавина. По 15 години од тој успех, секој 19 мај за мене е емотивен празник. Полн со љубов и емоции. Горд сум, на тој ден во Македонија немаше Македонец кој беше горд на нив. Благодарност до девојките, благодарност до сите кои беа инспиратори на ова дело. Исто и до медиумите, кои го направија сето тоа успешно, Кометал ЃП да го добие тој статус што го има сега. Тој ден, секој Македонец се чувствуваше како да е на Олимп. Кометал нека биде првата освоена титула, но не и последна“, изјави Костовски.

Кометал ЃП беше бренд на македонскиот ракомет и ги држи речиси сите рекорди. Тимот има 17 титули во македонското првенство, како и 16 во Купот на Македонија. Во Лигата на шампионите покрај европската круна во 2002 година, Кометал има уште две финалиња (2000 и 2005), четири четврт-финалиња и пет осминафиналиња.