ФОТО: Кометал му даде наклон до под и на спортскиот великан Калински

Кометал Ѓорче Петров на 15-годишнината од одбележувањето на трофејот му оддаде посебна чест на Златко Калински, спортскиот коментатор кој оваа година реши да го остави микрофонот и да замине во пензија.

Калински доби наклон до под директно од Трифун Костовски, а подоцна и од ракометарките. Токму Калински имаше чест да го работи документарниот филм за тимот од Ѓорче Петров кој во 2002 година ја покори Европа.

„Дефинитивно еден од најромантичните моменти во кариерата е токму Кометал. Имав чест да правам новинарски документарец и имав најдолг ден во мојата кариера. Почнав од изгрејсонце, па завршив на наредното изгрејсонце. Ги гледав тие моменти со радост, од почлетокот на финалето, па се до кревањето на шампионската титула. Имав прекрасна обврска да го проследам големиот настан во историјата на нашиот спорт. Имав само малку страв да не не победи Кометал ЃП, да не се повтори тоа проклетство што го следи македонскиот спорт. Кога победнички беа кренати рацете ми олесна. Во прекрасна енергија го подготвував тој филм, со радост ја гледав жолто-зелената река како се влива во вулканот „Кале“, изјави Калински пред ракометарките, а потоа доби и аплауз.

Калински 42 години беше омилен меѓу гледачите, спортистите, колегите, а неговиот стил на коментирање плени и одушевува. Посебно впечатливи се неговите преноси од атлетските натпревари, но со подеднаква страст ги водеше и фудбалските и ракометните натпревари.