Кире има желба да „распали“ како во Хрватска, Македонија сонува да го надмине Катар

Македонската ракометна репрезентација „слета“ во Мец, каде по петти пат во ракометната историја ќе настапи на Светското првенство (СП), кое е 25. во организација на ИХФ.

Нашата земја во доста подмладен состав замина во земјата на „галските петли“, меѓутоа, доста амбициозно ги очекува натпреварите на ракометниот Мундијал. Во составот ќе имаме искусни имиња како Кире Лазаров, Филип Миркуловски и Дејан Манасков, но и млади „пушки“ како Филип Талески и Марко Нелоски. Спој на младост и искуство кој може да биде „добитна комбинација“!

Драстични промени на ова СП ќе имаме на голманската позиција, каде не е повикан Борко Ристовски кој со успех брани во Барселона, туку на негово место се Кирил Колев (Пелистер), Благојче Трајковски (Охрид) и Никола Митрески (Бенфика).

Досега, од вкупно петте настапи на СП, најубави спомени според пласманот буди последниот во Катар, каде завршивме на деветтата позиција. Нашите ракометари извојуваа вкупно четири победи во првата групна фаза - Тунис (33-25), Иран (33-31), БиХ (25-22) и Австрија (36-31), а во нокаут-фазата „црвено-жолтите“ беа елиминирани од Словенија (28-30), репрезентација која е наш противник и на овој голем ракометен собир.

Што се однесува до другите четири настапи, генерацијата на СП 1999 во Египет извојува една победа и забележа четири порази, резултат кој го донесе 18 место, додека десет години подоцна, на СП 2009 во Хрватска со пет победи и шест порази се пласиравме на 11 позиција.

Во 2013 година во Шпанија, пак, со две победи, едно реми и три порази завршивме на 14 место. За Македонија, ова е шесто последователно учество на голем ракометен настан. Континуитетот го почнавме во 2012, на ЕП во Србија каде остваривме историско петто место, а потоа следеа СП 2013, ЕП 2014, СП 2015 и ЕП 2016.

Последниот настап на ракометната селекција на голем настан беше на Олимписките квалификации во Гдањск, Полска, каде не успеавме да го оствариме ракометниот сон и во конкуренција на Полска, Тунис и Чиле да се пласираме на ОИ во Рио. 

Што се однесува на индивидуален план, Кире Лазаров, капитенот на машката ракометна репрезентација, го имаше најдобриот насап во 2009 година, кога заврши како најдобар стрелец на Светското првенство во Хрватска со вкупно 92 гола на девет меча. Овој резултат е најдобро постигнуање на еден најдобар стрелец во историјата на СП. Воедно, Лазаров е првиот ракометар кој станал најдобар стрелец и на Европско и на Светско првенство.

Прв противник на Македонија во Мец е репрезентацијата на Тунис, против која избраниците на Лино Червар играат на 12 јануари од 17.45 часот и селекција против која и тоа како треба да се има мотив, ако се земе предвид дека ни го „одзема“ Олимпискиот сон. Во второто коло, два дена подоцна играме против Ангола, а за крајот се оставени трите најтешки противници: Словенија, Шпанија и Исланд.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ НА СП 2017

12.01. 17:45ч - Македонија - Тунис

14.01. 20:45ч - Македонија - Ангола

16.01. 17:45ч - Македонија - Словенија

18.01. 20:45ч - Македонија - Шпанија

19.01. 17:45ч - Македонија - Исланд