Кастратовиќ: Скопје трепереше за европската титула, сите знаевме дека дојде денот „Д“!

Gol.mk ексклузивно интервју

Кометал Ѓорче Петров слави 15 години од европската круна. Помина деценија и пол по големата победа во финалето над Херц, но уште се свежи сеќавањата на љубителите на ракометот на големото славје во „Кале“, а потоа и на плоштадот во Скопје. Европските првенки беа пречекани со френтичен аплауз, а една од најдобрите ракометарки на тимот беше Индира Кастратовиќ.

Репрезентативката во мечот за титула даде десет гола и го водеше Кометал до престижниот трофеј. Во разговор со Gol.mk, Кастратовиќ вели дека било прекрасно чувството да се игра ракомет во тој период и да се чекори кон успехот. 

„Тие денови беше навистина прекрасно да се игра ракомет. Кометал беше нешто големо како клуб, но и за целата нација. Сите бевме заедно и како клуб, и како држава. Бевме како едно. Секој сака такво нешто. Имавме нешто прекрасно“, вели Кастратовиќ.

Дури и по 15 години ракометарките уште се ежат кога ќе се присетат на атмосферата. Индира вели дека на 19 мај, 2002 година, градот веќе бил подговен за славје, затоа што сите знаеле дека тоа е денот „Д“, кога во Скопје доаѓа првата клупска евроспка титула.

„Кога ќе се слушнеме со сите е навистина убаво, имаме преубави сеќавања од тој период кои се прераскажуваат. Поразот од два гола не беше ништо за нас, знаевме дека мораме да победиме и дека тоа е денот „Д“ за европската титула. Претходно бевме казнети една година во европските купови и желбата беше преголема“, додава екс-репрезентативката на Македонија.

За трофејот во Лигата на шампионите, Кастратовиќ вели дека и е најдраго достигнување во ракометната кариера. За фановите кои беа на плоштадот во Скопје, иако врнеше дожд, има само пофални зборови и вели дека никогаш нема да го заборави тој дочек. 

„Во Скопје владееше голема еуфорија, имаше голем набој. Многу луѓе не чекаа на плоштадот кога станавме европски шампионки. Не чекаа повеќе од два часа, затоа што мораше да минат церемониите со медалите. Дури и врнеше, а никој не мрдна од место. Кога ќе се сетам на тоа, навистина се ежам. Плоштадот не може да се заборави, таква енергија...“, смета Инди.

Кометал беше блиску да добие наследник оваа година во ЖРК Вардар, но македонскиот првак беше запрен на патот кон финалето. Индира вели дека Вардар е зрел да освои трофеј во ЛШ, а тоа го очекува наредната сезона.

„Бевме многу блиску да го освоиме тој трофеј оваа година по вторпат. Мислам дека Вардар веќе е зрел да го направи тоа. Покажа дека може да се носи со сите. Навистина сакам трофејот по долго време пак да дојде во Скопје“, заклучи Кастратовиќ.

Кометал ЃП беше бренд на македонскиот ракомет и ги држи речиси сите рекорди. Тимот има 17 титули во македонското првенство, како и 16 во Купот на Македонија. Во Лигата на шампионите покрај европската круна во 2002 година, Кометал има уште две финалиња (2000 и 2005), четири четврт-финалиња и пет осминафиналиња. Дефинитивно, успех на кој може многумина да му завидуваат!