Кањељас: Нè чека пеколна сезона, сите ќе сакаат да го победат европскиот првак Вардар!

Жоан Кањељас, шпанскиот репрезентативец кој настапува во Вардар е среќен по освоениот трофеј во македонскиот Суперкуп, но потенцира дека ќе мора да се игра многу подобро во ракометната Лига на шампиони.

До трофејот во македонското натпреварување Вардар дојде преку Еурофарм Работник (30-25), а Кањељас вели дека играта е добра, но проблем претставува шутот, кој мора да се поправи пред Лигата на шампионите.

„Сезоната за нас беше добра, најдобра во историјата на Вардар. Кога победуваме сите сме многу среќни. Но, мора веднаш да го заборавиме овој дуел и да се фокусираме на нашиот нареден противник Висла. Ова е добра титула за нас, за клубот, но мора фокусот да се стави на Лигата на шампионите. Имаме проблем кога шутираме, не даваме лесни голови, тоа ќе мора да го подобриме во иднина. Победивме со пет разлика, но мора да го поправиме шутот пред Лигата на шампионите“, вели ракометарот на Вардар.

Шпанецот очекува тешка сезона во Лигата на шампионите, а вели дека сите тимови ќе „гризаат“ да го победат Вардар кој во новата сезона влегува како европски првак.

„Една екипа никогаш го нема одбрането трофејот во Лигата на шампионите. Имаме шанси, но ќе биде многу тешко. Кога играш против шампионите, секогаш играш посилно и побрзо и сакаш да победиш. Така ќе биде со нас оваа сезона. Ние сме шампиони и сите сигурно ќе сакаат да го победат Вардар“, заврши Кањељас.

Македонскиот првак првиот натпревар во Лигата на шампионите го игра на 17 септември, кога гостува во Полска кај Висла.