Јовиќ: Загреб е изразит фаворит, но ние имаме млад тим кој секого може да изненади

ППД Загреб предводен од Златко Сарачевиќ денес ќе го пречека Металург во рамки од 14. коло од СЕХА лигата. 

Александар Јовиќ ќе ги води момците на ова тешко гостување на кое верува дека може да се изненади фаворитот.

„Домаќините се очигледни фаворити на денешниот натпревар, а ние го имаме најмладиот ростер во лигата и секој натпревар ни служи да научиме нешто ново. Но, тоа не значи дека ќе се предадеме предвреме, ќе одиграме максимално во Загреб. Имаме квалитет, а во случај да го одиграме нашиот најдобар ракомет, би можеле да го изненадиме противникот“ , изјави стратегот на македонскиот вицешампион.

Мечот го најави и Вања Илиќ, кој се надева на изненадување против една од подобрите екипи во регионалната лига.

„Го почитуваме ППД Загреб, се работи за една од најдобрите екипи во лигата. Ние мора да го одиграме нашиот најдобар ракомет за да се надеваме на изненадување. Победата во претходното коло против Војводина беше добра за нашата самодоверба. Клучот на денешниот меч ќе биде темпото, кое не треба да го спуштаме како што одминува времето“ , изјави српскиот ракометар.

На првиот меч во Скопје, хрватскиот прволигаш славеше победа, па поради тоа е голем фаворит и на денешниот дуел во Загреб, кој започнува во 19.00 часот.