Јовиќ: Париравме 40 минути, но Целје е тим со квалитет за Ф4 на СЕХА

Металург не успеа да направи сензација во „Златорог арената“ во Целје и загуби од домашната екипа, Целје Пивоварна Лашко со 34-25. Тренерот на македонскиот вицешампион Александар Јовиќ смета дека квалитетот на Целје Пивоварна Лашко е за екипа која ќе игра на завршниот турнир во април следната година. 

„Според мое мислење, Целје заслужува место на Ф4. Денес бевме свесни дека тие ќе сторат сé за да го забрзаат темпото. Ние се справувавме со тоа цели 40 минути, но потоа стана видливо дека повеќе немаме сили. Целје играше паметно и постигнаа неколку лесни гола, па победникот беше одлучен. Сепак, ние се обидуваме да останеме позитивни – имаме уште три натпревари до крајот на годината, па се надеваме дека ќе успееме да освоиме некој бод и да ја докажеме нашата вредност, бидејќи Металург е голем клуб, кој има традиција и посветеност во работата и во развојот на млади играчи“, рече Јовиќ.

Кон својот тренер се надоврза голманот Мартин Томовски, кој доби шанса на теренот на словенечкиот шампион.  

„Игравме добро околу 40 минути, но потоа направивме премногу грешки за да се надеваме дека ќе победиме екипа како Целје. Тие беа доволно паметни да ги казнат сите наши грешки. Сега мораме да имаме ладни глави – наша цел е да го оставиме што подобар впечаток на  трите преостанати натпревари до крајот на годината“, смета  Томовски.

В сабота од 20.45 часот Вардар и Металург ќе го одиграат последното македонско дерби во СЕХА лигата за 2017 година, а апсолутен фаворит е уште непоразениот во регионалното натпреварување, Вардар.