Јовиќ: Ми се допадна борбата на играчите, ремито е најферски резултат

Екипата на Металург со реми против Нексе во СЕХА-лигата (31-31) ја заврши 2017 година, а стратегот Александар Јовиќ е задоволен од прикажаното и од новиот бод на контото во регионалното натпреварување.

Металург имаше позитива од три гола на пет минути пред крајот, но ја испушти, арно ама и покрај тоа Јовиќ е задоволен од прикажаната борба и вели дека ремито е најфер резултат на овој дуел.

„Одигравме еден добар натпревар. Бевме добри во играта „седум на шест“. Прво ние имавме добри минути, додека во вториот дел Нексе дојде до својот добар период. Мое мислење е дека нерешеното е најферски резултат. Пред мечот имавме одредени проблеми, па така сакам да им честитам на моите ракометари. Покажаа голема борба која ми се допадна“, изјави Јовиќ.

Тимот од Автокоманда на последниот меч настапи без Кузмановски и Анѓелиќ кои на ден пред патувањето се здобија со вироза. 

Металург ја завршува 2017 година на седмото место во СЕХА-лигата со четири победи, едно реми и седум порази. Наредниот меч се игра на почетокот на февруари, кога македонскиот претставник е домаќин на Војводина.