Гичевска и Калајџиевска ја водеа Македонија до реми кај Будуќност

Селекцијата на Спортската Академија на Македонија одигра нерешено (22-22) на отворањето на Младинската регионална лига против соодветниот тим на Будуќност од Подгорица. 

Се играше изедначено во текот на целата средба во спортската сала „Верде“ во Подгорица, со неколку промени на водството, а на полувреме се замина со изедначени 11-11. Предводени од расположената Леонида Гичевска, македонските ракометарки одржуваа неизвесен резултат и во текот на второто полувреме, за со погодокот на Јана Калајџиевска во самата завршница, да ги постават конечните 22-22.

Гичевска со 9 погодоци беше прв стрелец во нашиот состав, а Калајџиевска и Гајиќ додадоа по 3 голови. Стрелци на по два гола беа Николиќ, Граматова и Тасевска, додека во листата на стрелци се запиша и Трајковиќ со 1 погодок.

Тимот на Јулијана Дамчевска утре го игра и вториот меч во Младинската регионална лига кој почнува од 17.00 часот, а противник ќе биде тимот на Крим. Во петок, за крај на турнирот, ќе се сретнат Будуќност и Крим.