Гакидова потпиша за Стразбур: Сакам да бидам успешна и во Франција!

Македонската репрезентативка Ивана Гакидова направи нов интернационален трансфер и својата кариера ќе ја продоолжи во Франција каде ќе го носи дресот на екипата на Стразбур.

Во редовите на францускиот тим кој настапува во третата лига, Македонката доаѓа од Норвешка каде го носеше дресот на Молде. Вели дека е возбудена што ќе има шанса да игра во Франција, земја која навистина ѝ се допаѓа, а со клубот очекува успеси.

„Ја сакам Франција како земја, тука се инвестира многу во ракометот. Сакам нови предизвици и секогаш сум позитивно настроена за нови проекти. Управата на Стразбур ми кажа дека подготвува голем проект за во иднина, тоа е првата причина зошто дојдов тука. Сакам да му помогнам на клубот да ги оствари своите цели и да бидам успешна“, изјави Гакидова.

Гакидова потекнува од школата на Металург, а низ кариерата настапуваше и за Вардар, Баник Мост (Чешка), Молде (Норвешка). Со францускиот тим пивотот се обврза на едногодишна верност.