ВИДЕО: Франција го декласира Бразил на отворањето на ракометниот Мундијал

Gol.mk на светско првенство во ракомет

Во новата „Акорхотел арена“ во Париз пред рекордна посета од 15.609 гледачи, Франција го победи Бразил со 31-16 (17-7) во првиот натпревар од 25. Светско првенство во ракомет за мажи. Во мечот од групата А, момците на Дидие Динар целосно го декласираа Бразил, кој не наликуваше на селекцијата која ја водеше Жорди Рибера до Олимписките игри во Бразил.

Француската одбрана одлично го почна мечот и со лесни голови на Порте и Гигу поведе со 4-1 за тајм-аут уште во 5. минута. Помина скоро половина полувреме, а Бразилците на новиот селектор Вашингтон Њуњез постигнаа само три гола со големи проблеми во организацијата на играта (8-3).

Со неверојатна леснотија и голови скоро  на сите ракометари, Франција на Дидие Динар на одмор имаше високи 17-7. 

Француската клупа го изротира тимот на почетокот на вториот дел, шанса добија Жерар на голот и Дипадна, Ниокас, Акамбре и Мае во нападот и предност во 35. минута достигна до +13. Шанса доби и Ремили и реализира седмерец за 27-11. Со знаци на супер-атракција светскиот првак го приведе натпреварот кон крај со финален триумф од 31-16 со голот на голманот Жерар со звукот на сирената. 

Вардарецот Рожерио Фереира на денот на својот роденден доби шанса во одбрана, но беше немоќен да им парира на расположените Французи. Валентин Порте со 6 гола бепе најефикасен во францускиот табор, каде во второто полувреме блескаше Винсен Жерар. Кај поразената бразилска селекција најефикасен беше Хозе Гиљерме Толедо со 5 постигнати гола. Драган Начевски беше делегат на натпреварот. Утре во рамките на првото коло во А групата уште играат: Русија - Јапонија и Полска - Норвешка.