Фаворити, ѕвезди и распоред: Сѐ што треба да знаете за ЕП во Хрватска 2018

ЕП Хрватска 2018

Најдобрите ракометни нации ќе се борат за златниот медал на Европското првенство (ЕП), кое од 12 до 28 јануари ќе се одржи во Хрватска. Германија го брани трофејот освоен пред две години, но има уште неколку изразити фаворити за златниот медал. 

КАДЕ СЕ ИГРА?

Натпреварите од 13-от по ред континентален собир ќе се одиграат во четири градови ширум Хрватска: Загреб (15.200), Сплит (12.500), Вараждин (5.200) и Пореч (3.710). Завршните натпревари (полуфинале и финале), ќе се одржат во загрепска „Арена“.

РАСПОРЕД И ФОРМАТ НА ОДИГРУВАЊЕ НА НАТПРЕВАРИТЕ

16 земји учеснички се поделени во четири групи од по четири репрезентации. Првите три места од секоја група обезбедуваат место во главната фаза, каде се формираат нови две групи од по шест екипи. Бодовите освоени во групните натпревари се префрлаат во следната фаза. Најдобрите две репрезентации од секоја група се пласираат во полуфиналето, додека следните две екипи на табелата играат во натпреварите за петто, односно седмо место. Финалето се игра во Загреб на 28 јануари.

КОИ СЕ ПРЕТХОДНИ ПОБЕДНИЦИ?

Германија победи на минатиот турнир во Полска, а славеше и во 2004 година. Измеѓу, трофејот завршуваше во рацете на две држави: Франција и Данска. Рекордер со четири триумфи е репрезентацијата на Шведска.

КОИ СЕ ГЛАВНИТЕ ФАВОРИТИ ЗА ТРОФЕЈОТ ОВАА ГОДИНА?

Ниту една репрезентација не доминирала со ракометот, како што тоа го прави Франција во последните две декади. Светскиот шампион од минатата година патува во Хрватска како еден од неколкуте главни фаворити за највисок пласман. Тука се и Германија, домаќинот Хрватска, а никогаш не може да се отпише и Данска. Фаворити од сенка ќе бидат Норвешка, Шпанија и Словенија.

КОИ СЕ ЅВЕЗДИТЕ НА ЕП 2018?

Никола Карабатиќ освоил сѐ што може да се освои и секако е едно од најзвучните имиња кои се издвојуваат на Европското првенство. Тој е гладен за успех и посакува да ја обедини светската со европската титула. За нас неомилениот Микел Хансен од Данска, кој во неколку шампионати покажа зошто е во самиот врв на светскиот ракомет. Од ПСЖ тука е уште и Уве Генсхајмер, германската машина за голови, кој ќе ја предводи својата репрезентација во нов поход кон голем трофеј. Од домаќинот на турнирот прва ѕвезда ќе биде Домагој Дувњак, кој неодамна се врати од тешка повреда и прашање ќе биде колку ќе може да помогне во играта на „коцкестите“. Никоагаш не може да се заборави на нашиот Кирил Лазаров, кој претендира кон ново голгетерско издание и да се надеваме повторување на успехот од Србија 2012, кога со 61 гол постави рекорд на Европските првенства.

ГРУПАТА НА МАКЕДОНИЈА 

Раул Гонзалез ќе дебитира на тренерското столче на Македонија на едно големо натпреварување, а во првите три меча за противници ќе ги има Словенија, Црна Гора и Германија. Десеткуваните Словенци и отсуството на Вуко Борозан кај црногорската репрезентација би требало да ни донесат поголеми шанси за поволен резултат во тие дуели, а натпреварот со актуелниот европски шампион ќе биде само шлаг на тортата во третото коло од групата Ц.