Червар го надмудри Цветковиќ, во „Спаладиум арена“ убедливо совладана Србија

Gol.mk на СП ракомет 2018 во Хрватска

Во првото коло во рамките на А групата на Европското првенство, во „Спаладиум арена“ во Сплит, ракометарите на Хрватска во долгоочекуваниот дуел против Србија славеа победа од 32-22 (14-9) и успешно го започнаа походот кон европското злато.

Првото полувреме помина во знак и предност на домаќинот, но Србија успеваше да парира се до последните пет минути, во кои не успеа да го издржи притисокот од публиката и на одмор замина со чувствителна негатива од пет гола.

Почетокот беше тврд, без гол цели три минути. „Мразот“ со гол пенал го скрши Чупиќ, по што следеше погодок и на Вори за 2-0. Во продолжение избраниците на Червар имаа константна предност, која по голот на Циндриќ во 13. минута достигна највисоки +3 (6-3). Србија не дозволи момците на Червар да се одлепат, па по два гола на Зеленовиќ повторно намали на -1 (8-7). 

Во 24. минута од првиот дел „орлите“, стигнаа до напад за израмнување на 10-10, но не успеаја во својот обид, па „каубојите“ со брзи два гола на Штрлек и Степанчиќ од контра поведоа со 12-9, а по голот на Циндриќ стигнаа и до највисоки +4 (13-9). Во последните секунди со удар од 9 метри погоди и Степанчиќ, за највисоки 14-9 на полувремето.

По одморот, Цветковиќ се обиде со тактика 5-1 да се врати во натпреварот, но Хрватите делуваа расположено, па по голот на Дувњак се одлепија на највисоки +7 (19-12). Червар шанса им даде и на ракометарите од клупата, но и тие солидно ги извршија зададените задачи и на крајот хрватските ракометари славеа сосема заслужена победа од 32-22.

Најефикасен кај Хрватите беше Степанчиќ со шест гола, колку што даде и Штрлек. Од вардарците во хрватската репрезентација најефикасен беше Циндриќ со четири гола, Чупиќ и Карачиќ дадоа по два погодоци. Во репрезентацијата на Србија, Ненадиќ постигна шест гола, а Зеленовиќ беше автор на пет погодоци, додека вардарецот Марсениќ не се запиша во листата на стрелците.