Целје стравува од Вардар: Тие се шампиони и моќен колектив со силни играчи на сите позиции

Целје Вардар

Актуелниот шампион во СЕХА лигата, Вардар денес ќе го пречека тимот на Целје Пивоварна Лашко, кого го победи на првиот меч одигран на гости со 28-31.

По дуелот со ПСЖ во рамки од Лигата на шампионите (ЛШ), словенечкиот клуб го очекува уште еден тежок меч на кој очекува изненадување против големиот фаворит.

„По тешкиот меч за викендот, веднаш тргнавме кон Скопје и немавме многу време за подготовка на мечот со Вардар. Имаме малку време да го анализираме противникот, кој сепак е фаворит на вечерашниот дуел. Се работи за моќен колектив кој има квалитетни играчи на сите позиции. Ние ќе мора да одиграме максимално во одбрана и напад во текот на сите 60 минути доколку сакаме да стигнеме до изненадување. Се работи за екипа која ќе ја казни секоја наша грешка, во што се уверивме во првиот меѓусебен дуел оваа сезона“ , вели првиот помошник на тренерот, Станко Андерлух.

Свое мислење за вечерашниот натпревар даде и Матиќ Слухолежник, кој верува дека одбраната ќе игра важна улога за остварување на победа.

„Ни следуваат неколку тешки дуели во наредниот период, а првиот од нив е против шампионот Вардар. За секој играч е сон да се настапи на еден ваков натпревар, тоа е причината поради која напорно се тренира, а ние сме свесни за тежината на противникот. Вардар има многу ѕвезди, но мислам дека доколку успееме да го сопреме нивниот напад и да ги заджиме под границата од 30 гола, тогаш би можеле да го направиме мечот интересен“ , изјави словенечкиот ракометар.

Во првиот меч од регионалната лига во новата година, вардарци славеа убедлива гостинска победа кај Татран Прешов. Првиот домашен натпревар избраниците на Раул Гонзалез го играат вечерва со почеток од 20.45 часот.