Маленко: Горд сум што четворица пливачи ќе ги бранат боите на Македонија на ЕП

Македонија ќе има четири претставници на претстојното Европското првенство во пливање во 25-метарски базени, кое ќе се одржи во Копенхаген (Данска). Пливачите Ана Јаневска, Љупчо Ангеловски, Миа Крстева, Давор Петровски и Методија Ангелески ќе ги бранат боите на нашата земја на овој собир, кој ќе се одржи од 13 до 17 декември.

„Горд сум што можам да кажам дека четворица наши пливачи ќе учествуваат на ова Европско првенство во пливање. Уверен и убеден сум дека достоинствено ќе ги бранат боите на Македонија. Можам да констатирам дека во минатиот период пливањето се соочуваше со една тешка ситуација за која сум убеден дека во иднина ќе се реши и се надевам дека ќе има големи промени во пливањето и дека пливањето ќе блесне во оној сјај во кој што треба да биде. Се надевам дека пливањето ќе биде една од најуспешните приказни во периодот кој следи. Воедно, тоа ни е еден од топ приоритетите во однос на работењето на Агенцијата за млади и спорт, во кои ќе ни биде и градењето на базени. Проект кој ќе се случи во текот на 2018 и 2019 година. Како дополнување на тоа ќе имаме и програма која ќе ги следи сите оние подготовки и припреми на нашите пливачи со цел што е можно подобар пласман и освојување на норма за учество на олимпијадата во Токио во 2020 година. Им посакувам многу успех и многу среќа и достоинствено да ги одбранат боите на Република Македонија“, порача Дарко Каевски, директорот на Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија.

На денешната официјална прес-конференција се обрати и новиот претседател на Пливачката федерација на Македонија, Александар Маленко. Тој истакна дека дека е горд што Македонија ќе биде дел од овој голем пливачки настан. 

„Благодарност до Агенцијата која што направи напор и најде разбирање да ја прифати заедничката програма, која ќе биде еден почеток на светлата иднина на пливањето во Македонија. Јас како претседател на Пливачката федерација на Република Македонија сум горд и сигурен во четирите пливачи и нивните тренери дека покрај сѐ, ќе нѐ претстават достојно, пред сѐ и самите себе, и ќе испливаат најдобри резултати. Нека биде ова еден почеток на пливачкиот професионализам.“, истакна Александар Маленко.

На Европското првенство во пливање во 25-метарски базени ќе учествуваат околу 700 пливачи од 45 држави и тие ќе треба да се натпреваруваат во 40 дисциплини. Ова првенство е првиот спортски настан кој некогаш се одржал во „Кралската Арена“ во Копенхаген.