Двојна бугарска победа на Олимпискиот пливачки маратон во Охрид

Пливачите од Бугарија, Венцислав Ајдарски во машка и Василики Кадоглу во женска конкуренција триуфмираа на првото издание на Олимпискиот пливачки маратон на 10 километри, кој се одржа во Охрид.

Ајдарски десеткилометарската кружна патека во Охридското езеро ја помина за една секунда побрзо (1:54.48) од Холанѓанецот, Марсел Шутер, кој исплива со време 1:54.49 часа. Трет низ целта помина македонскиот пливач Александар Илиевски (2:05.50), кој ја имаше генералната проба пред маратонот на 30 километри во Охрид.

„Не очекував ваков пласман, бидејќи не додадов гас воопшто во текот на трката. Јас лично задоволен сум од резултатот, бидејќи десеткилометарските трки не се моја дисциплина и денес се натпреварував со пливачи кои континуирано се дел од светските и олимписките првенства. Десеткилометарскиот маратон беше тренинг и генерална проба за „големиот“ маратон, кој ќе се одржи следниот викенд“, ни рече Илиевски. 

Во женска конкуренција златото го освои Кадоглу. 14-годишната талентираната бугарска пливачка десеткилометарската трка ја помина 2:20.37 часа, додека како втора низ целта мина Тјаша Возел од Словенија.

Организаторите се задоволни од трката и организацијата, а последниот збор ќе го имаат преставниците на ФИНА, кои треба да го оценат маратонот во Охрид, кој конкурира за влез во официјалниот светски календар.