Охриѓани ќе играат ракомет и фудбал за малиот херој Јане!

Голем број на охриѓани, меѓу кои и познати личности од сите области, најавија учество на Хуманитарниот спортски хепенинг, кој оваа недела ќе се одржи во Спортско рекреативниот центар „Билјанини Извори“, а истиот ќе биде во знак на поддршка на малиот херој Јане Велковски од Скопје, кој боледува од спинална мускулна атрофија.

Приказната за Јане го одушеви целиот свет, особено фудбалскиот, бидејќи 9-годишното момче иако е врзан за количка го користи секој слободен момент за да се дружи со фудбалската топка. Малиот херој досега доби поддршка од голем број на фудбалски великани, како Погба, Фиго, Пандев, Елмас, Гомеш..., а доби и покана од најскапиот фудбалер на „црвените ѓаволи“, да присуствува на еден натпревар на Манчестер Јунајтед  во рамки од Лигата на шампионите. 

Спортскиот ден во „Билјанини Извори“ на кој ќе се игра ракомет и фудбал ќе започне од 11.30 часот, а на истиот може да учествуваат сите хумани луѓе.