Чедомир Јаневски и кајакарот Николовски со награда „13 ноември“ од Град Скопје

Синоќа во Македонската опера и балет се одржа свеченоста по повод одбележување на 13 ноември - Денот на ослободувањето на Скопје. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, на годинешните добитници им ги врачи наградите.

За долгогодишни врвни резултати во областа на фудбалскиот спорт, награда доби некогашниот македонски селектор и сегашен предводник на шампионот Вардар, Чедомир Јаневски. Награден беше и Атанас Николовски поради значајните постигнувања во областа на кајакарскиот спорт. 

Од друга страна, пак, Сојузот на спортови на Град Скопје вчера ги награди Стојанче Стоилов за најдобар спортист на градот за 2016 година, а признанието за најдобар тренер му припадна на Раул Гонзалез. Екипата која ја предводи Шпанецот, РК Вардар, е прогласена за најуспешна екипа.