Должникот Украина, најголем ривал на нашите одбојкари во квалификациите за ЕП 2019!

Нашата најдобра одбојкарска репрезентација денес ги доби своите противници за квалификациите за следното Европско првенство кое ќе се одржи во 2019 година. 

Македонија за пласман на европскиот собир кој ќе се одржи во четири држави (Словенија, Белгија, Франција и Холандија) ќе се бори со носителот Украина, а дел од групата Ф ќе бидат и Швајцарија и Унгарија. Се претпоставува дека селекцијата на Украина ќе биде нашиот најголем ривал во овие квалификации. Спомените од дуелите со оваа земја се свежи бидејќи токму од оваа селекција, летово го загубивме финалниот натпревар од Европската лига. 

Македонија за влез на ова Европско првенство има реални шанси бидејќи тоа ќе биде проширено на 24 учесници. Покрај домаќините, директно учество според рејтингот обезбедија и Германија, Србија, Русија, Италија, Турција, Чешка, Бугарија и Полска, што значи дека преостануваат уште 12 слободни места.

Квалификациите ќе се играат во седум групи, а пласман на Европското првенство ќе обезбедат сите првопласирани и петте најдобро второпласирани.