„Зборнаја“ се врати на големата сцена и преку Грција ќе игра за медалите!

Gol.mk на Евробаскет 2017 во Истанбул

Репрeзентацијата на Русија е третиот полуфиналист на Евробаскетот, чија завршница се одржува во „Синан Ердем Дом“ во Истанбул. Во драматичен натпревар со многу пресврти Русите ја совладаа Грција со 69-74 и ќе игра против Србија или Италија во полуфиналето. 

Третото четвртфинале почна офанзивно и со реализација на скоро секој напад. Принтезис и Калатес одговорија на добриот почеток на Ворончевич и Швед и Грција прва поведе со +4. Во 8. минута по поените на Принтезис, Грција поведе со 23-17 и Базаревич повика тајм-аут. Грчката цврста одбрана го реши во своја полза првиот период со 24-17. 

Во знакот на Ник Калатес почна вториот период и со пет поени, кошаркарот на Панатинаикос на Грците им донесе високи +9 во 13. минута. Кога „зборнаја“ остана без реакција, Слукас погоди тројка за 36-22 и нова минута одмор за Базаревич. Мозгов со пет неодговорени поени намали на 35-27 до тајм-аутот на новиот грчки селектор Мизас. И покрај добриот финиш на Русите, на големиот одмор Грција замина со предност од 37-31. 

Базаревич нареди игра преку Тимофеј Мозгов и Русија фати приклучок во раната фаза на третиот период. Но, нашите јужни соседи имаат премногу ресурси, па Слукас и Бурусис ја вратија двоцифрената предност (42-32). Како во бранови да се редеа позитивните интервали на двете селекции, па сега Русите блеснаа и Воронцевич погоди тројка за 49-45 во 27. минута. По поените на Швед, во 29. минута Русија комплетно се доближија до противникот (51-49). Само благодарение на поените на Бурусис со звукот на сирената, Грција воочи последните десет минути влезе со предност (53-51).

По скоро 30 минути, Русија пак поведе, откако Швед ги погоди слободните фрлања на почетокот на последната четвртина. На поените на Калатес возврати Фридсон и двете селекции се менуваа во водството. Дмитри Кулагин се повреди во 33. минута и го остави Базаревич без уште еден битен кошаркар во ротација.

Грчкиот напад затаи, па Швед и Мозгов го комплетираа рускиот пресврт за 59-67 на неполни шест минути до крајот. Грците пак се вратија до -2, но промашија два обиди за три поени и Хустов погоди клучни поени за 66-70. Во играта на нерви и на слободи фрлања, Русија беше посмирена и славеше со 69-74.

Најефикасни во грчката репрезентација беа Калатес со 25 и Принтезис со 19 поени, а кај Русите се истакнаа Швед со 26 и Мозгов со 15 поени. Последното четвртфиналето ќе го одиграат Србија и Италија вечерва во 20.30 часот.