Турбуленции за првакот: Тодоров по поразот од Работнички крева раце од МЗТ!?

Стратегот на МЗТ Скопје, Александар Тодоров, беше видно разочаран и револтиран од играта и од поразот од Работнички и најави дека постои можност да си замине од кормилото на аеродромци по овој незгоден резултат за тимот. „Штрковите“ на домашен терен не успеаја да го победат Работнички, а тимот на Докузовски ја продолжи перфекцијата и има осум победи по осум кола.

„Изгубивме натпревар кој 35 минути го имавме под контрола. Офанзивата за нас запре во финишот, ја загубивме последната четвртина со девет поени од екипа која е далеку понеатлетична од нас. Ја загубивме борбата под кош со 15 скока, што е скоро една третина повеќе од нас. Едноставно, со овој натпревар мислам дека и пласманот во Првата лига го одредивме. Иако има многу кола во лигата, многу е тешко да се достигне сега. Дојдовме до една точка која мора да се пресече, ако по Задар и Цибона се надевавме дека ќе ја кренеме играта со новите играчи, повеќе оправдувања немаме. Бевме и комплетни, со некакво време за воигрување. Ја преземам одговорноста. Дали ќе бидам тренер со Морнар Бар - ќе видиме утре. Имавме еден, два, три... пет еве кредити, повеќе кредити од некои останати тренери, мислам дека сите ги искористивме“, изјави Тодоров.

МЗТ покрај од Работнички во Првата лига доживеа порази од Блокотехна и Карпош Соколи. Ситуацијата не е сјајна и во АБА-лигата, каде „штрковите“ се борат за опстанок.