Теодосиќ: Залудно е што одиграв добро, загубивме заради неколку глупави тројки

Gol.mk на кошаркарски Final Four во Истанбул

И покрај повредата Милош Теодосиќ одигра одличен натпревар и запиша 23 поени, но неговата ЦСКА Москва иако три и пол четвртини водеше, на крајот мораше да им честита на играчите на неговиот поранешен клуб Олимпијакос.

„Како ретко досега игравме добро и го контролиравме натпреварот. Мислам дека одигравме комплетно добри три четвртини, но потоа примивме неколку глупави тројки и тоа го врати Олимпијакос во мечот. Сепак, Олимпијакос не е било која екипа, беа трети во регуларниот дел веднаш зад нас, играа борбено и веруваа дека може да се вратат и за тоа треба да им се честита. Залудно е што одиграв добро кога веќе ја предадовме европската титула, но кошарката е таква, има и вакви моменти“, рече најдобриот стрелец на ЦСКА Москва. 

Истанбул не му е среќен на Милош Теодосиќ, бидејќи и во 2012 година со Казлаускас на клупата и оваа година со Димитрис Итудис, не успеа да го најде решението за Спанулис и Олимпијакос.