„Соколите“ се мачеа против Вардар за пласман во Куп полуфиналето

Кошаркарите на Карпош Соколи се првиот полуфиналист на ЛИМАК Купот на Македонија во кошарка, откако во денешното прво четвртфиналето во спортската сала „Јасмин“ го совлада тимот на Вардар со 92-84 (30-13, 23-24, 20-22, 19-25). Противник на „соколите“ во полуфиналето ќе биде поуспешниот од натпреварот Работнички – Куманово. 

Водени од Бојан Трајковски поквалитетниот тим на Карпош Соколи уште во 6. минута дојдоа во двоцифрено водство против Вардар. Кендрик и Лабовиќ со лесни поени во финишот на првиот период предноста ја донесоа до високи +16. По тројката на Дарко Соколов првите десет минути заврши ја со високи 30-14 за „соколите“. 

Вардарци одлично го отворија вториот период и со серија 7-2 со поените на Лефковски и Едедиџи, намалија на 35-25. Лефковски со серија на поени ја спушти разликата до -8 и брзо дојде до 15 поени. Но, разликата во квалитет меѓу двете екипи беше очигледна и Соколов и Кендрик погодија во серија за тајм-аут на Кочов при 49-35 во 18. минута. Со високи 53-37 екипата на Драган Николиќ замина на одмор и остави впечаток дека и со половина сили може да го мине четвртфиналето. 

Третиот период започна со повреда на носот на Лефковски, но и покрај првичниот страв повредата не е од сериозен карактер и кошаркарот беше превентивно повлечен од игра. Со две тројки Дарко Соколов дојде до 18 поени, а неговата екипа до високи 62-45 во 25. минута. Во меч со многу отворена кошарка, третиот период заврши со 73-59 и чувствителна предност за Карпош Соколи.

Комоцијата на фаворитот ја искористија Шалев и Калов и со серија 5-0, вардарци намалија на 81-72 на неполни пет минути до крајот на натпреварот. На -7 вардарци имаа напад и на неговиот истек Адедоџи погоди за 83-78. Сепак, искусниот состав во жолти дресови преку Лабовиќ ги разреши дилемите и славеше со 92-84. 

Во екипата на Карпош Соколи се истакнаа Трајковски со 20 и Соколов со 18 поени, а кај Вардар најефикасен беше Лефтовски со 22 поени.