„Соколите“ го зададоа првиот удар, го поразија МЗТ среде Аеродром!

Македонскиот кошаркарски вицепрвак Карпош Соколи во супердраматичен меч успеа да го совлада шампионот МЗТ Скопје (83-85) и уште на стартот на сезоната да најави дека е тим со високи амбиции и оваа година.

„Соколите“ диктираа темпо на игра цел натпревар, но во последниот период МЗТ се врати, арно ама немаше сила за сензација. Главен играч кај аеродромци беше Бојан Трајковски, но немаше голема поддршка од соиграчите во обидот да се направи сензационален пресврт против тимот од Карпош. Шанса за враќање на победите МЗТ ќе има викендов, кога игра против новајлијата Шкупи. За „соколите“ ова е прва победа над „штрковите“ во последните две сезони.

Натпреварот меѓу македонскиот првак и вицепрвак започна изедначено. Се играше изедначено до 10-7, а потоа, „соколите“ направија серија од 0-8 и го свртеа резултатот во своја полза (10-15). Единствена светла точка на МЗТ на стартот беше Дамјан Стојановски, кој даде повеќе од половина од поените, а голем проблем во играта на шампионот беа изгубените топки, како и неагресивната одбрана во рекетот, каде К. Соколи постигнуваа поени и градеа разлика.

По десет минути игра на семафорот стоеше 16-22, а Трајковски го врати шампионот во игра и го донесе на „минус два“ (22-24). МЗТ успеа да изедначи на 29-29, но следеше голем пад во играта кој гостинот од Карпош го искористи и со поени за три на Чомагиќ првпат поведе двоцифрено (33-45). До полвуремето Карпош Соколи ја продолжи импресивната игра, ја комплетира серијата од 0-14 и замина со предност од 33-49.

На стартот на третиот период следеше и највисокото водство од +17 (45-62), но МЗТ возврати со серија од 8-0 и воден од Трајковски пак се врати на едноцифрена негатива (53-62). Во последните десет минути Карпош Соколи влезе со предност од 11 поени (59-70), Тодоров на паузата им подели совети на своите кошаркари, а тие му возвратија со одлична игра и успеаја да се вратат во мечот, на само шест поени негатива (73-79). МЗТ имаше шанса и да намали на минус четири, но Минчев не успеа да реализира.

Голема болка во играта на „соколите“ беше Мекфејден, кој не успеа да реализира ниеднаш, но и покрај неговото отсуство, тука беа Соколов и Браун, кој постигнуваа поени кога беше најпотребно. Во последните минута и пол тимот од Карпош влезе со предност од шест поени (79-85), а Трајковски постигна тројка, за 82-85 и драматичен финиш, во кој МЗТ немаше сили да направи луд кам-бек.

Најдобар поентер во победничкиот табор беше капитенот Дарко Соколов со 19 поени, а го следеа Чомагиќ со 16 и Браун со 15 поени. Кај МЗТ Скопје единствен расположен кошаркар беше Бојан Трајковски, кој даде 34 поени, но немаше преголема поддршка од останатите, затоа што Гарсија даде 13 поени, а Стојановски го заврши мечот со 10 поени, од кои осум во првиот период.

Во второто коло од Првата лига, Карпош Соколи е домаќин на екипата на Струмица (14 октомври), додека МЗТ Скопје гостува кај новалијата Шкупи (18 октомври).