Шампионот не дозволи „брејк“, МЗТ го врати водството против К.Соколи

Екипата на МЗТ Скопје со триумф во третиот натпревар над Карпош Соколи (86-80) го врати водството од 2-1 во финалната серија и веќе в недела ќе има прва шанса да дојде до одбрана на шампионскиот трон во мак-баскетот.

„Соколите“ беа конкурентни на две минути пред крајот на третиот период кога на семафорот во „Јане Сандански“ стоеше 54-49, а потоа, следеше клучното водство на аеродромци во мечот. Со серија на Клоф и Темс, МЗТ во последниот период влезе со +9 (63-54), а на стартот на последните десет минути Лалиќ постигна „двојка“ за прво двоцифрено водство на мечот (65-54).

Потоа, следеа пет поени на Клоф, за 70-54, но иако многумина помислија дека МЗТ ќе извојува сигурен триумф, „соколите“ се вратија во финишот и на една минута пред крајот дојдоа на негатива на минус два (79-77). Во последните секунди „соколите“ бркаа негатива од три поени (83-80), но не успеаја да ја надополнат.

Најефикасен во победата на МЗТ беше Темс со 22 поени, а Клоф додаде уште 21, додека Дреновац дојде до 20 поени. Кај Соколи најмногу се истакна Пери со 24 поени, а Мавра постигна 20 поени.

Четвртиот меч од финалната серија кој би можел да биде последен ќе се игра в недела во СЦ „Борис Трајковски.