Шампионот МЗТ на погон на Симоновски го „збриша“ Гостивар

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје продолжи да победува во Првата лига и како домаќин во СЦ „Јане Сандански“ со 75-67 (33-29) славеше над Гостивар. За „штрковите“ ова е четврти триумф сезонава, кој го однесе тимот на четвртото место на табелата, зад Работнички, Блокотехна и Карпош Соколи.

Гостиварчани се држеа добро и му парираа на моќниот ривал два периода. Водени од Димчевски, гостите на полувремето беа во егал со аеродромци (33-29), но лошо го отворија третиот период и му дозволија на домаќинот да даде лесни поени.

Најпрво, Павличевиќ постигна тројка, а Симоновски двојка, за водство на МЗТ од 38-29, а потоа, со поени на Спасојевиќ, дојде и првото двоцифрено водство за тимот на Тодоров на средбата (41-31). Гостивар во последниот период успеа да дојде на минус шест, но тоа беше се што направи до финишот.

Најдобар поентер кај МЗТ Скопје беше Марко Симоновски кој имаше одличен натпревар и даде 22 поени, додека како втор стрелец заврши Бојан Трајковски со 13 поени. Уште 11 поени во дресот на МЗТ додаде Спасојевиќ, додека кај Гостивар, Јурај Шегариќ и Александар Тодоровиќ завршија со по 18 поени.

Во наредното коло од македонскиот шампионат МЗТ гостува кај Фени Индустри, додека Гостивар е домаќин на лидерот Работнички.