ВИДЕО: Се насмевнува нов Ф4 за Антиќ: Фенербахче по вторпат го покори ПАО среде Атина

Турскиот првак Фенербахче, со македонскиот интернационалец Перо Антиќ во своите редови, за разлика од регуларниот дел, во плеј-офот од Евролигата игра блескаво. Составот од Истанбул по вторпат во Атина, во рамките на четвртфиналето го порази домашниот тим на Панатинаикос, вечерва со резултат од 75-80. На овој начин „жолто-црните“ поведоа со 0-2 во серијата и се наоѓаат пред пласман на нов „фајнал-фор“ со оглед на тоа што имаат две меч топки и серијата се сели во Турција. 

Турскиот шампион на пауза од полувремето замина со минимална предност од +2 (43-45), благодарение на тоа што воведната четвртина ја доби со 20-22. Втората половина од првиот дел заврши нерешено (23-23). Избраниците на Обрадовиќ го добија и третиот квартал со 16-18 за +4 (59-63) во пресрет на последната четвртина. Во завршните 10 минути следеше вистинска драма со низа пресврти и на крај победа на Фенербахче со резултат од 75-80.

Богдан Богдановиќ со 25 поени, 7 скока и 6 асистенции беше прво име во победничката екипа на Фенербахче, додека исто така одличен со 22 поени и 9 поени беше Удох. Во поразениот тим од Атина, најефикасен со 22 поени беше Мајк Џејмс.