Рекорден пораз во Европа: Фалко Вулкано ги изгоре „соколчињата“!

Македонскиот претставник во Европа Купот, екипата на Карпош Соколи, со висок пораз се прости од европското натпреварување. Младите „соколчиња“ беа лесен плен за унгарски Фалко Вулкано, кој во Скопје дојде до триумф од 43-104 (21-56).

Очекувано, унгарскиот тим ги „изгоре“ младите „соколчиња“ кои беа вкупно седум. Кризата ги избрка главните играчи, па така, одговорноста ја преземаа младите кошаркари, а најстариот од нив имаше 23 години. Поразот е висок, а за македонска екипа е најголем во историјата на европските натпреварувања.

Претходно, Работнички имаше загубено со 49 разлика од Фенербахче во 2004 година (60-109), но сега приматот меѓу негативните рекорди го има тимот од Карпош.

Мечот беше во егал само при резултат 4-4, а се останато беше доминација на гостинот. По првиот период Фалко имаше предност од 8-24, а до полувремето разликата достигна и огромни 35 поени (21-56). Дебаклот се најави на стартот на третиот период, кога Фалко направи серија од 0-14, за огромни 32-83 по 30 минути игра, а до финишот разликата стана уште поголема.

Најдобар поентер во победничкиот состав беше Дуражи со 21 поен, а Перл заврши со 14 поени, додека кај Карпош Соколи, Атанасов постигна десет поени, Сапунџиев додаде уште осум поени, а исто така и Пецалевски постигна осум.

Карпош Соколи со шест порази на шест меча го заврши Европа Купот. Покрај двоен пораз од Фалко, македонскиот тим по двапати загуби од Нижни Новогород и Шолнок.