Работнички се справи со Куманово и закажа полуфинална пресметка со „соколите“

Во третиот четвртфинален натпревар од Купот на Македонија, составот на Работнички го совлада Куманово со резултат од 87-81 и на тој начин закажа пресметка во полуфиналето со тимот на Карпош Соколи утре попладне. 

Работнички го отвори мечот со двете врзани тројки на Чековски и Тасовски за 6-0, за да во средината на воведната четвртина повторно со тројка, сега на Мираковски поведат за првпат со двоцифрена предност (15-5). Во следните неколку напади предноста на екипата од Скопје порасна и на +13 (18-15), за да на првата кратка пауза заминат со резултат од 24-13.

Избраниците на Докузовски продолжија да ја градат позитивата и во втората четвртина и со поените на Мишановиќ поведоа и со +15 (30-15), и Куманово до крајот на полувремето спушти само два поени од негативата и на пауза се замине со резултат од 42-29.

Ниту второто полувреме не донесе ништо ново, па Работнички на стартот од третата четвртина поведе и со +16 (45-29), притоа умешно ја одржуваше двоцифрената предност, која Кумановоо ниту во еден момент не ја спушти, па така во пресрет на завршната четвртина влезе со -12 (63-51).

Конечно во последните десет минути, со трите поени во низа на Јанески, Куманово намали на едноцифрена негатива -9 (63-54). Во продолжение дојде и до -5 (70-65), откако врза две тројки, на Караџовски и Браун, а пропуштија напад и за уште помала негатива, по што Чековски врза пет поени во низа и ја врати двоцифрената предност (77-67). Сепак, ова не беше крај на возбудувањата, па на помалку од две минути пред крајот, со поените на Караџовски екипата на Куманово стигна и на -4 (79-75). На крај клубот од „Градски парк“ ја задржа концентрацијата и славеше победа со конечен резултат од 87-81.

Ненад Мишановиќ со  23 поени и 8 скока беше најистакнат поединец во редовите на Работнички, во чии редови и капитенот Мираковски имаше забележителен ефект од 19 поени, 5 скока и 7 асистенции. Во составот на Куманово најефикасен со 19 поени беше Караџовски, додека 15 поени придодаде Мијатовиќ.